Приведен е Агим Исмаиловиќ, еден од обвинетите во случајот „Монструм“ откако полицијата ја почна потрагата по него кога тој го напуштил Кривичниот суд кога се решаваше за неговиот притвор. Потрагата започна откако Судот му определи трисетдневен притвор, а не се знаеше каде тој заминал откако ја напушти судницата.
Според информациите, Исмаиловиќ бил најден во неговиот дом и, како што изјавил, немал намера воопшто да избега некаде.
Тој сега е приведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари каде ќе биде наредниве 30 дена.
Триесетдневниот притвор на Исмаиловиќ му е определен на барање на обвинителството. Тој утринава се појави во скопскиот кривичен суд, иако рочиште не се одржа обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор за него и за Фејзи Азири бидејќи постапката е при крај. Но пред да одлучи Кривичниот совет Исмаиловиќ ја напуштил судската зграда. Во притвор оди и Азири.
За потсетување, случајот „Монструм“ е за петкратното убиство во 2012 година кај Смилковско езеро.