Големо незадоволство и револт цел месец има кај македонската јавност по поставениот ултиматум од власта дека до февруари идната година сите кои имаат на возилата регистарски таблички со ознака „МК“ мора да ги сменат на свој трошок за нови таблици.
Граѓаните сметаат дека тоа е непотребно, омаловажувачко, а ако власта решила да угодува на странци и ако веќе мора да се тргне „МК“ и замени со „НМК“ зошто тоа не се прави со една налепница што е далеку поедноставно и поевтино. Реагираа и транспортните организации кои имаат многу возила и би имале многу проблеми при смена на таблиците.
Ова како да го слушнаа во МВР. Сега се најавува преразгледување на ултимативното барање.
Наместо комплетно менување на регистерските таблички за коишто граѓаните ќе треба да платат и до 1.500 денари – да се стават евтини налепници со ознака „НМК“. Ова е една од опциите што почна да ја разгледува МВР, најави ресорниот министер Оливер Спасовски.
-За ова веќе е формирана работна група, која е во комуникација со Министерството за транспорт, а преку нив и со здружението на камионски транспортери. Мора да направиме една комбинација која ќе биде од интерес на граѓаните, меѓутоа да имаме и сериозно одговорност, изјави министерот за внатрешни работи Спасовски во интервју на Радио Слободна Европа, кое во целост ќе може да се проследи в недела.
Министерот очекува за кратко време да биде објавено поволно решение за граѓаните во врска со промена на табличките.
До ова предомислување дојде откако граѓаните на социјалните мрежи масовно негодуваа и упатуваа на тоа дека владиниот ултиматум за промена на регистерските таблички не го прифаќаат и бараат Владата да даде друго решение. Се појавија и петиции со кои се укажува дека ниту во самиот Преспански договор со Грција ја нема обврската да се менуваат комплетни регистерски таблички.
Од друга страна, граѓаните тврдат дека нема потреба промената да биде на нивен трошок бидејќи тие веќе еднаш платиле за да ги добијат табличките кои сега се во нивна приватна сопственост.
Оттаму, и не зачудуваат бројните реакции на граѓаните по повикот на МВР. Стотици и стотици нивни коментари се напишани на Фејсбук-странцата на „Скопско Ехо“ како израз на противење на ваквата одлука на властите.
-Зошто не се без пари табличките? Народот не бараше да се смени името, напротив 80 отсто од луѓето не беа да се смени името на државата. Сега државата нека ги менува сите документи на нејзин трошок. Во едно 4-члено семејство, а некаде има и повеќе да се менуваат сите документи, тоа се големи пари, напиша една граѓанка.
-А бре, што ќе менуваме таблици и броеви? Нека најдат решение на постоечките да се става налепници. Или, нека направат бесплатни со нашите постојни броеви, смета наша читателка.
-Со 50-100 денари за налепница се ќе се заврши, нема потреба од целосно менување. Само една маркица нека ни дадат ќе си ја залепиме и толку поевтино нема, вели друг граѓанин
Еден граѓанин напиша дека таблиците се приватна сопственост на граѓаните.
-Ова е безобразие. Штом еднаш ја платам таблицата е моја, како на Запад (нели ние се стремиме кон нив). Дали е возилото отуѓено или нерегистрирано таблицата си (треба ) да останува во сопственикот затоа што си ја платил. Но, неписмени и несплотени сме како народ и кој стигна ќе си поигрува со нас и нашите финансии, порача тој.
Другите граѓани во свои коментари укажуваат дека сето ова е со целта да се наполни државниот Буџет и нечии џебови.
-Буџетот е празен треба народот да го полни, напиша еден читател.
-Ќе ни ги платат ли одземените таблици, прашува друг.
Има граѓни кои укажуваат дека се измамени.
-Големи мангупи се власта. Во 2019 регистрирав возило на мое име. Ми дадоа таблица со РМ иако секаде во другите општини имаа нови регистрации со НРМ, уште тогаш. Значи, да ги допотрошат старите таблици ми плеснаа една таква мене. Сега пак ќе треба нова, се пожали овој граѓанин.
Дали работната група на МВР (која ја најави министерот) ќе биде брза во работата и ќе ги анулира причините за големото незадоволство кај македонската јавност ќе се види наскоро.