МВР поднесе кривична пријава против Самка Ибраимоски поради заканите кон уставните судии.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својот профил на Фејсбук објави дека Министерството за внатрешни работи го расчисти случајот со закани кон судија на Уставниот суд.
-На 24.06.2024 Претседателот на Уставниот суд, Д.К., пријави закани по животот и безбедноста на судија од страна на С.И. преку социјална мрежа. По пријавата, МВР презеде мерки и изврши разговор со С.И. во СВР Тетово. На 26.06.2024, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против С.И. за „загрозување на сигурноста“ според член 144 став 5 од Кривичниот законик, се наведува во објавата.
Тошковски додаде дека МВР во иднина остро ќе реагира против било какви закани, особено против членови на највисокиот суд во Македонија.
Ибраимоски вчера демантира дека некому му се заканувал.
-Не сум му се заканил на никого во Уставен суд, само сум поставил прашање „Што ако настанат убиства?“.Јас сум поставил само едно прашање – што ако настанат убиства? Сум го пренел гласот на народот, што ми пишуваат мене, во мојот инбокс, каде кажуваат дека: „ќе земам пиштол“ и дека: „ќе отепам некого“ или „јас ќе се отепам“. Тоа е мое едно поставено прашање, кој ќе одговара за настанати убиства ако се случат, ништо посебно закани сум имал кон судиите. Јас лично не сум се заканил нити на Ана Павлова Данева, нити на претседателот на судот. Претседателот на судот, гласаше во првиот состав, кога се одлучуваше за овој закон. Сега во второто прегласување тој гласаше против својата самостојна одлука. Дали нешто не е во ред и дали има индиции тоа треба да се позанимава јавниот обвинител затоа што овој закон е спас за народот што не се почитува веќе една година и има правосилни пресуди добиени што не ги почитуваат извршителите. Ова е една голема игра меѓу извршителите, олигарсите, судиите, истакна на прес-конференцијата Ибраимоски кој е претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).