МВР со детали за акцијата на Скопска Црна Гора: Приведени 10 дрвокрадци, запленети 400 кубици дрво

Десет лица се приведени, а околу 400 кубици огревно дрво се запленете во акцијата што ноќеска ја спроведе полицијата на подрачјето на Скопска Црна Гора.

МВР соопшти дека акцијата се одвивала на 19 и 20 септември, на место викано Рамно на планината Скопска Црна Гора.

-Во заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје, Шумска полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“, од слобода биле лишени 28-годишниот С.А., 22-годишниот Р.А., 24-годишниот Џ.А., 37-годишниот Е.А., 39-годишниот Б.С., 51-годишниот Д.А., 53-годишниот Ќ.А., 47-годишниот С.А., 34-годишниот Џ.С., сите од село Брест и 27-годишниот Б.М. од село Арачиново, скопско, извести МВР.

Се додава дека лицата биле затекнати на местото при бесправна сеча на дрва и притоа биле пронајдени околу 400 кубни метри исечено огревно дрво.

-На местото биле пронајдени четири товарни возила натоварени со огревно дрво, едно патничко возило, три моторни пили и други предмети кои биле користени за сеча на дрвата. Возилата, дрвата и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка, а лицата биле задржани во полициска станица и со нив бил извршен службен разговор, соопшти МВР.

По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик.

Претходна вестВладата за 3 години двапати набавува софтвери за 40 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестАзербејџан прогласи победа над Ерменците од Нагорно Карабах