Две лица се приведени поради кражба на компјутери наменети за хуманитарни цели во Кавадарци/
МВР денеска соопшти дека на 01.09.2023 во Кавадарци, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кавадарци ги лишиле од слобода С.М.(37) од Кавадарци и А.А.(37) од Неготино.
-При претрес во домот на С.М., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени шест лап топ компјутери, делови за компјутер и друга компјутерска опрема за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“ сторено на 28.08.2023 во Здружение на граѓани на ул.„Браќа Хаџи Тефови“ во Кавадарци. Додека, кај А.А. бил пронајден еден лап топ компјутер за кој, исто така, постои сомнение дека потекнува од истото кривично дело и дека го купил од С.М., се наведува во соопштението.
Пронајденото ќе биде вратено на сопственикот, а по целосно документирање на случајот против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
Претходно, и Борче Стаменов, од организацијата „Донирај компјутер“, каде е извршена кражбата објави дека се пронајдени крадците. Стаменов досега подарил преку 2.500 компјутери на социјално загрозени лица.