На чествувањето кај Карпалак пак се слушна барањето за изградба на достојно спомен – обележје на загинатите бранители

Ново барање за изградба на спомен – обележје на загинатите бранители се слушна на денешното чествување на 23-годишниот спомен на овој ужасен настан. Дваесет и три години по убиството на десетте резервисти на македонската Армија кај Карпалак, поранешните бранители и роднини на загинатите упатија низа критики и остри зборови кон властите.

-Дали личи да се полага цвеќе на погинати на вакво место? Овде треба да присуствува врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде што треба да чествуваме, а не во Прилеп, изјави прилепчанецот Јордан Трајковски, кој бил дел од македонските вооружени сили за време на конфликтот.

На одбележувањето делегацијата на Владата беше предводена од Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а покрај него беше и поранешниот градоначалник на Прилеп, а сегашен заменик-министер за економија Марјан Ристески кој упати апел на месноста Карпалак на автопатот Скопје-Тетово конечно да се постави достоен споменик.

-Би упатил апел и како дел од Владата, а и јас ќе настојувам тука да има едно достојно спомен обележје во чест на овие 10 загинати прилепски бранители, рече Ристески.

Иако сите досегашни влади ветуваа дека загинатите бранители ќе добијат достоинствен споменик, на местото Карпалак се уште стои само една плоча која е поставена на банкината покрај автопатот.

Минатата година во октомври, тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска информираше дека министерството започнала постапка за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски Бачила, Карпалак и Вејце.

 

Претходна вестЈаневска: Се укинува пролетниот распуст за учениците
Следна вестТерористот со македонски корени кој планирал напад во Виена сакал да убие што е можно повеќе луѓе со експлозиви, мачети и ножеви…