На денешен ден е роден Кочо Рацин, еве што тој зборувал за Македонија во 1939 година

На денешен ден е роден големиот македонски книжевник и борец за ослободување на Македонија – Кочо Рацин. Неговото целосно име е Koста Апостолов Солев Рацин и бил роден во Велес на 22 декември 1908 година.

За него се смета дека е еден од главните основоположницит на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели Мугри“ , која била објавена во Загреб во1939 година, претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.

Инаку, освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку трудови од областа на историјата.

Рацин уште пред почетокот на Втората Светска Војна силно се борел против српската и бугарската пропаганда. Често и влегувал во отворени дијалози на јавни места со официјални странски лица кои работеле на посрбување и побугарчување на македонскиот народ.

Еве како во една прилика одговорил пред поголема публика за наметнатата дилема „Јужна Србија или Македонија“:

– За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие! Во периодот на националната преродба кога доаѓа таканареченото граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари итн… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија…, истакнал Рацин во дискусијата во 1939 година.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт (во Лопушник на 13 јуни 1943 г.), постојат сомневања дека бил намерно убиен. Посмртните останки на поетот денес се наоѓаат во Спомен – костурницата во Велес каде се наоѓаат и посмртните останки од неговите загинати партизански соборци и другари.

 

Претходна вестУбаво: Општина Центар ќе помогне во поправање и санирање на 13 кровови и 12 лифтови
Следна вестПешакот загинал, возачот што го удрил избегал