На денешен ден е востановена Светата причест и Исусовата молитва, се празнува Велики четврток

Православните христијани во Македонија денеска го празнуваат Велики четврток, денот со кој практично почнуваат велигднеските празнувања. Тој е значаен ден од Страдалната седмица и спомен на денот кога Господ ги востановил двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија, односно, причест и Исусовата молитва.

На Велики четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.

Велики четврток е роденденот на Причеста. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста.

-Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен… Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде… им кажуваше тогаш Исус Христос на своите апостоли.

На Велики четврток, на крајот од Литургијата се извршува чинот: Архиерејското миење на нозете на 12 свештеници, кои ги претставуваа 12 апостоли на Тајната вечера. За тоа време се читаат текстовите од евангелијата, кои говорат за тоа како Христос им ги измил нозете на апостолите, почнувајќи од Јуда, за да не рече дека го запоставил, па затоа го предал и завршувајќи со Петар, којшто се пофалил дека и сите да се одречат од Него, тој нема тоа да го направи, а уште ноќта трипати се одрекол од Христа.

Во Четвртокот попладне се читаат Дванаесетте евангелија на светите Христови страданија. Во нив се опишуваат страданијата на Господа до Неговото распнување. Евангелските читања се проследени со црковни песни од антифоните, кои со поетски израз го кажуваат евангелскиот збор. На оваа богослужба што се служи во вечерните часови, се изнесува Распетието – Крстот, со двете икони: на Богородица и свети Јован под крстот, и се поставува на сред црква.

На Велики четврток се прави и општо маслоосветување, кое е различно од светата тајна елеосвештение. Ова маслоосветување се употребува за помазување на здрави, а елеосвештението се извршува над болни луѓе, за да оздравеат. Освен присутните во храмот за време на општото маслоосветување, со него се помачкуваат верниците през целата година, а по манастирите, на Велики четврток ги помачкуваат со него и ѕидовите од монашките ќелии.

Тоа се прави за зачувување на здравјето: духовно и телесно и во знак на покајанието. Елејот е симбол на Божјото милосрдие – елеј на радоста и покајанието. Симбол на проштевањето. Маслоосветувањето се прави на Велики Четврток затоа што во овие свети денови сите христијани треба да се каеме и да се помачкаме со маслото на покајанието, а Бог ќе ни ги прости гревовите, како што и простил на жената грешница која го помазала Господа. Со овој осветен елеј, порано, на Велики Четврток ги помазувале огласените, кои биле подготвени да се крстат на Велигден.

На трпезата е разрешено масло и вино. Постот на Велики четврток се ублажува и, според Правилото, се допушта да се јаде зготвено со масло (зејтин) и се пие вино, до три чаши во денот. Традиционалниот пост, пак, во народот задржал постење строг пост и во овој ден, што не е забрането, но не е задолжително, бидејќи може да се јаде со зејтин.

Црковното предание и нашата стара традиција уредиле на Велики Четврток, рано наутро, пред изгрејсонце, да се вапцуваат првите Велигденски јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. В. Кличкова запишала дека во Порече, а тоа го среќаваме и во други краишта на Македонија, првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот ‒ главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.

Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.

Насекаде во Македонија, на Велики четврток, рано пред изгрејсонце, првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало, за да се сучи касметот. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.

Претходна вестБалканот се тресе, земјотреси во Србија, Хрватска, Албанија и Грција
Следна вестСообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по наместа влажни коловози