Поранешниот премиер Никола Груевски целосно ја избегна двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот „Мерцедес“. На 4 октомври 2018 година, Груевски беше правосилно осуден, но поради истекот на шестгодишниот период застарување, на 4 октомври 2024 година, казната не може да биде извршена, објави Призма.
Според Кривичниот законик, застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото. Во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува три плус три години.
Иако додека беше во Македонија Груевски тврдеше дека е жртва на политички прогон, казната за набавката на луксузниот автомобил повеќе не е активна. Доколку тој утре се врати во земјата, нема да лежи затвор за овој случај.
„Мерцедесот“, пак, сè уште се користи за официјални делегации, потврдува директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Други осудени лица во случајот „Тенк“, како Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, веќе ги одлежаа своите казни. Груевски останува со активни обвиненија во неколку други предмети, меѓу кои „Талир 1“, „Талир 2“ и „Титаник“.