Забраната за поголеми домашни групирања, односно, максимумот од четири гости кои домашните ќе можат да ги примат во својот дом најмногу е донесена со цел да се спречи ширењето на вирусот на домашните слави. Ова вчера отворено го кажа министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека се покажало дека домашните групирања се најчест извор на пренесувањето на вирусот.
-Од граѓаните најмногу зависи како ќе се почитувата мерките. Полицијата и инспекциите технички може да интервенираат за да видат колкава група е во едно живеалиште по пријава, но решавачко е однесувањето на граѓаните. Сега доаѓа период на слави и тој претставува голем ризик, укажа вчера министерот.
Значи, ем ќе славиш, ем ќе се пазиш од вирусот, ем ќе пазиш полиција на гости да не ти дојде. Инаку, ако се погледне правиославниот календар тогаш ќе се види дека прва, поголема и пошироко распостранета слава кај скопјани, но и во Македонија, е посветена на Преподобна параскева, односно, на Света Петка. Таа се празнува на 27 октомври, а потоа следат и други слави: на 1 ноември е славата посветена на Преподобен Прохор Пчински, а на 8 ноември пак се празнува пошироко распространета слава посветена на Свети великомаченик Димитриј, односно, Митровден. На списокот на славите кои се слават во ноември е и Свети апостол и евангелист Матеј – 29 ноември. Во декември празнувањата започнуваат на 4-ти кога се слави Воведение на Пресвета Богородица, а на 8 декември се слави празникот посветен на Свети Климент, архиепоскоп охридски, на 11-ти Свети петнаесет тивериполски маченици и на 19-ти е, најмасовната слава посветена на Свети Никола и која по традиција се одбележува во многу домови во градот и пошироко.