На Крмзов одземен му е пасошот поради сомнежи за даночно затајување и даночна измама

Скопскиот Кривичен суд определи мерки за претпазливост за едно од лицата кои беа задржани во полициска станица во акцијата за даночни измами и малверзации.

Според информациите се работи за струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов на кој му е одземен пасошот поради сомнежи за даночно затајување и даночна измама.

-Предистражната постапка за овој случај во кој сомнежите се дека се направени десетици милиони евра штета на државата продолжува, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски во телевизиско интервју на националниот сервис оценувајќи ја акцијата за успешна рече дека се обезбедени докази и документација која ќе биде предмет на анализа.

-Во рамките на предистражната постапка која ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради основи на сомневање за даночно затајување и даночна измама, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за едно лице – одземање на патна исправа и обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен орган. Судот го прифати предлогот, рече Коцевски во гостување во МТВ.

Други три лица кои беа задржани дадоа исказ пред јавен обвинител, по што се пуштени.

-Предистрагата продолжува. Станува збор за сомненија за финансиски криминал и се вршат опсежни проверки со цел испитување на сите околности.“, изјави коцевски.

Во четвртокот вечерта полицијата заедно со УЈП и Царина изврши претреси на повеќе локации во Струмица, Скопје и Гостивар. При претресот на фирмите и објектите на Крмзов во Струмица биле пронајдени дијаманти, а кај магационер на една од неговите фирми во Скопје поголема сума на пари во кеш. Според информациите и вчера имало претреси во други два магацини на Крмзов.

Претходна вестФормирано е посебно одделение за сериозен и сложен криминал со осум искусни обвинители
Следна вестСДСМ: Сиљановска доживеа дипломатски дебакл во Софија, а државата невидено понижување