Истражувања покажуваат дека на месноста Пеленица, Драчево, фрлени се одредени количини на опасен отпад од линдан и како резултат на тоа на локацијата има околу 40.000 тони контаминирана почва, изјави на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
Во 2018 година е донесена забрана за пристап на деца, а пред две години по јавна набавка на Министерството за животна средина локацијата е оградена.
За чистење на депонијата кај Пеленица, Стојковски вели дека потребни се 60 милиони евра, а исто толку и за големата депонија кај ОХИС.
– Ако за малата депонија во ОХИС треба околу 14 милиони евра, тогаш рачунајте дека на големата депонија кај ОХИС има 10 пати повеќе отпад, значи сигурно ќе треба некаде околу 60 милиони евра за големата депонија, а исто толку и за Пеленица, истакна тој.
Пеленица е единствената локација надвор од ОХИС за која постојат документи дека се депонирани остатоци од некогашното производството на линдан во хемискиот гигант. Според досегашните сознанија, локацијата до 1961 година се користела за ископ на глина за керамика, што резултирало со голема јама. Подоцна, во 1976 година, јамата послужила за хемискиот гигант ОХИС да го депонира отпадот од производството на линдан, поточно – делта паста. Но, освен остатоците од линданот, анализите покажале и присуство на други видови опасен отпад, како и градежен шут.