На сметките за струја ќе има нова ставка – Пристап до мрежа

Пристап до мрежа – ова е новата ставка во сметките за електрична енергија, која ќе се воведе од јануари догодина, а ќе чини околу три-четири евра месечно. Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината, најави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика  во интервју за „Независен“.

Тврди дека тоа нема да значи повисоки сметки за струја, а оваа поделба ќе придонесе за правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата и оние кои тоа го прават повремено како во викендиците. Бислимовски посочил и дека не се исклучува зголемување на цената на струјата од први јануари, но дека место за паника нема.

-Има голем број домаќинства каде што нема потрошувачка, или кои што поставија фотоволтаици. Значи, мрежата се одржува во текот на целата година. Фиксните трошоци сега ги плаќат само домаќинствата кои што ја користат мрежата рамномерно, секој месец во годината. Оние кои ја користат две – три недели во годината не плаќаат ништо. И тоа не е фер, не е правично. Плус, сега има домаќинства кои што поставуваат фотоволтаици. Тоа вообичаено се побогати категории на граѓани. Кога ќе го постави фотоволтаикот, нему ќе му се намали потрошувачката и тоа го создава овој ефект кој што ви го кажав. Поради тоа и кај домаќинствата ќе се воведе Пристап кон мрежа, но за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Значи, не може некое домаќинство коешто не поставило фотоволтаик да плаќа за домаќинство коешто поставило фотоволтаик. Мора да зборуваме за социјална правда и за правичност. И тоа ќе го спроведеме, наваи Бислимовски.

Според него, овој пристап кон мрежа кај домаќинствата ќе биде минимален, три-четири евра и тој ќе се плаќа месечно.

-Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината. Просечната цена за мрежа ќе биде иста. Не станува збор за давачка доколку се направи промена на тарифниот систем за поправично собирање на парите од потрошувачите. Не може некој којшто не може да постави фотоволтаик да плаќа за некој што поставил. Никој нема да биде оштетен, само правиме поправична распределба. Јас имам викендичка во Галичник, кога ќе отидам вклучувам и имам струја. Во годината трошам 400 киловат-часови. Но, не учествувам со ништо за одржувањето во текот на годината. Со минимален пристап кон мрежа, како трошок, ќе имаме правична распределба и јас ќе учествувам заедно со домаќинствата кои што плаќаат редовно. За сметка на тоа, за да не се разбере погрешно, ќе се намали трошокот за мрежарина. Значи тие активно што користат ќе имаат корист од тоа, објаснува тој.

Претходна вестПриведен разбојник во скопски Аеродром
Следна вестТалат Џафери од 28-ми јануари ќе биде технички премиер