Со голем аеромитинг кој ќе се одржи утре, сабота 16.09.2023, на спортскиот аеродром Стенковец, кај Скопје ќе се одбележат 100 години од основањето на Аероклуб Скопје, што всушност претставува и раѓање на македонската авијација.
Аеродромските врати ќе бидат отворени во 9 часот за посетителите, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме досега во воздух, а едриличарите ќе изведат акробации од кои застанува здив. Во програмата се предвидени и акробатски летови, а ќе учествуваат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor АТ-802А Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување, владиниот авион Лирџет 60, полициските хеликоптери Bell, и хеликоптерот на воените сили Ми-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и на Грција. На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот, наречен „Илинденка“, кој во соработка со Министерството за одбрана на Македонија привремено е донесен од Белград за да може да биде претставен на посетителите и на целата јавност.
Влезот на аеромитингот е слободен за секој љубител на летањето. Препорачливо е посетителите да се подготват како за пикник. Пожелно е да носат подлога за седење, а слободно може да се понесат камперски столчиња и слични помагала. Посетителите може да си носат и јадење и пиење, а организаторот ќе обезбеди штандови со кетеринг и на самиот аеродром.
Обезбеден е и бесплатен превоз за граѓаните со автобуски линии кои од 08.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда (кај ЈСП), Транспортен центар, Ѓорче Петров (кај пазарот на вториот кружен тек), Бутел (кај Еделпром) и Спортската сала Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци. Од 08.30 до 14.00 часот кон аеродромот Стенковец, а од 14.30 до 19.00 часот кон петте локации во Скопје.
На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси бидејќи паркинг местата се со ограничен капацитет.
Инаку, клубот измина долг пат од своето основање и низ него поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари. Низ овие години тој изгради силна репутација за воздухопловна безбедност, образование и обука, и обезбеди можности за младите луѓе да продолжат со кариерата во воздухопловството.