И покрај пандемијата годинава од 26 до 30 август во Струга ќе се одржи јубилејното 60.издание на Струшките вечери на поезијата.
Оваа година тоа е под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, а најавено е учество на повеќе од 30 поети од земјава и странство.
Фестивалот, како што соопшти дирекцијата, ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство, а дел од светските поети кои не можат да присуствуваат ќе бидат претставени преку видеочитања. Специјално видеообраќање и видеочитање, според информацијата на СВП, ќе има и годинашниот лауреат, британската поетеса Керол Ен Дафи.
Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. Програмата на фестивалот, почнувајќи од изданието во 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот Youtube канал на СВП.