На граничните премини, од македонската страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, освен на Табановце каде се чека околу 30 до 40 минути, соопштија утрово од АМСМ.
Причина за тоа е што голем број македонски државјани одат во Србија на ревакцинација, откако пред три месеци ја примија првата доза. Исто така, Србија доволува и вакцинација без закажување за македонските граѓани на сите вакцинални пунктови.
Неофицијано, од вчера до 21 јуни треба да се ревакцинираат околу 15.000 наши граѓани, од кои најмногу во Белград.
Во останатиот дел, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.