Во текот на викендот на Универзитетската клиника за токсиколгија е примен пациент во исклучително тешка општа состојба заради каснување од инсект кој според информациите од дежурниот доктор од Општата болница во Струмица и кажувањето на пациентот бил црн инсект кој личел на пајак, укажа денеска Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој наведе дека каснувањата од одредени видови на змии и инсекти кои живеат на нашето поднебје можат сериозно да го нарушат здравјето на граѓаните.
– Според клиничката слика и клиничките манифестации пациентот е каснат од пајак „црна вдовица“, (Latrodectus), инсект чие каснување може сериозно да го загрози здравјето и животот. Bи сакал лично да го истакнам високопрофесионалниот пристап и реакцијата на дежурната екипа од Општа болница во Струмица кои пружиле соодветна итна помош и по пријавување на случајот во Токсиколошкиот информативен центар на Универзитетската клиника за токсикологија и консултација со нашиот дежурен доктор и дежурната екипа итно го транспортираа пациентот во нашата институција, наведе Чибишев.
Тој додаде дека дежурната екипа од Универзитетската клиника за токсикологија го хоспитализираа и во текот на неколку часа ја стабилизираа состојбата на пациентот.
-Колеги, браво за исклучително професионалнот и стручен пристап и брзата реакција. Се во интерес на пациентите, наведе директорот на Токсикологија.
Црната вдовица е најотровниот вид пајак во Европа, односно еден од најотровните видови во светот. Распространет е на сите континенти. Убодот од црна вдовица е екстремно опасен. Отровот на овој пајак е 15 пати посилен од другите пајаци.