На убиството на жената во Кочани му претходеле уцените од убиецот кој и барал пари

Службените лица од Полициската станица во Кочани пред околу пет месеци добиле пријава за уцена што ја доставила 46-годишната жена која утрово настрада во грозоморното убиство.

-На 16. мај, во 11.30 часот, Т.М. пријавила дека подолг период била уценувана од У.Р. со кого биле во љубовна врска, дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи – Кочани постапено е по пријавата. На 31. мај до Основното јавно обвинителство – Кочани е доставен поднесок – известување со службен материјал во прилог. Како дополнување на известувањето испратен е и службен материјал во прилог на 5. јуни 2023 година, истакнуваат од СВР – Штип.

Од Основното јавно обвинителство – Кочани информираа дека се работи на расчистување на случајот и се истражуваат мотивите за убиството.

-Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место пред семејна куќа каде утрово беше лишена од живот жена на возраст од 46 години. Преземени се сите дејствија, наредена е обдукција на телото на починатата, обезбедени се траги и други докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Од очевидци на настанот извршено е препознавање на осомничениот сторител на кривичното дело, кој е лишен од слобода. Се постапува за расчистување на настанот и за испитување на мотивите, истакнуваат од ОЈО – Кочани.

Претходна вестВо канадскиот парламент ракоплескаа на нацист, а потоа стигна и извинување
Следна вестМаркетите што не ги намалиле цените ќе бидат затворени пет дена