Над 150.000 жртви на коронавирусот регистрирани во САД

МИА СВЕТ
Во САД регистрирани над 150.000 жртви на коронавирусот
Вашингтон, 29 јули 2020 (МИА) Според универзитетот „Џон Хопкинс“, бројот на починати од коронавирус во САД синоќа ја надмина бројката од 150.000 лица, и пандемијата се шири во речиси секоја сојузна држава.

Поминаа шест месеци откако вирусот за првпат беше забележан на американска почва, и тој стана трета смртоносно болест во земјата годинава после срцевите заболувања и ракот. Од коронавирус во САД веќе имаат починато повеќе Американци отколку жртвите од Граѓанската војна во 19 век.

Според прогнозите на експертите, веќе за помалку од два месеци ќе биде достигната границата од 200.000 починати.

Епидемијата во САД не запира, и бројот на забележани нови случаи во секој од изминативе 29 денови на јули, освен во два, надмина 50.000, а во седум од десетте изминати денови имало по 60.000 нови случаи.

САД извршуваат повеќе од 750.000 тестови дневно и многу нови случаи има кај поединци со назначителни симптоми или без симптоми.

Сепак, илјадници завршуваат во болница. Според одделите за здравство во сојзните држави, повеќе од 57.000 луѓе се хоспитализирани со Ковид-19 симптоми. Во седум од изминативе осум денови умираа повеќе од илјада луѓе дневно.

Флорида е најзагрозена сојузна држава каде во последните седум денови биле регистрирани повеќе од 73.000 нови инфекции. Во Калифорнија пак, тој индикатор е 63.000, додека во Тексас – повеќе од 57.000 нови инфекции.

Други држави каде заразеноста е голема се Џорџија, Аризона, Луизијана, Тенеси, Северна Каролина, Алабама, Јужна Каролина и Илиноис, од каде соопштуваат за повеќе од 10.000 случаи на дневни заболувања во изминатава недела. Само во една држава, Аризона, бројот на нови случаи се намалува две недели по ред.

Раст на нови заболувања се регистрираат и во такви држави како Хаваи и Аљаска каде до неодамна имаше само десетици заболени а сега се стотици, додека во Мисиспи и Мисури, каде заболеноста беше релативно ниска, сега имаат по повеќе од илјада случаи дневно.

Иако во две третини од државите се бара носење маски, како и во десетици мегаполиси и градови, не постои режим на обврзно носење маски на национално ниво.

И покрај тоа што Флорида е најголемо жариште во САД, некои окрузи во оваа држава најавија дека планираат отварање на рестораните откако беа затворени кон крајот на јуни, јави денеска Си-ен-ен. (МИА)