Вкупно 53.070 граѓани досега се пријавиле за вакцинирање против ковид-19 преку веб-страницата vakcinacija.mk, велат од Министерството за здравство.
Веб – страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Освен на овој начин, пријавувањето за вакцинирање може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
На ваков начин се пријавени се 24.958 лица.
Вакцинацијата против ковид-19 во државава почна денеска во Модуларната болница кај Инфективната болница, каде се вакцинираат вработените во таа јавна здравствена установа.
Следни се вработените во сите ковид – центри во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…
Вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука, а понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава.
Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.
Пунктот во модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје.
До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.