Времето залади ама голем дел од граѓаните на овие избори решија партиите да останат со куси ракави. Повеќе ги бендисаа независните кандидати и нив им го дадоа гласот.
Освоени илјадници гласови со кои станаа четврта групација според бројот на освоени гласови и повеќе советнички места во скопскиот и општинските совети со кои можат да имаат решавачка улога во носење на важни одлуки за граѓаните, е резултат кој на завчерашните локални избори го постигнаа независните кандидати. Како никогаш до сега, во изборната трка во 80 општини во Македонија и за Градот Скопје учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини.
Според првичните пребројувања независните листи добиле над 55 илјади гласови во Македонија. Само две – три партии можат да се пофалат со поголема бројка. Ова е јасен знак, односно шамар, за партиите и нивното досегашно делување.
Во Скопје, посебен успех постигна независната листа „Зелен хуман град“ која освои 9 илјади гласови. Тие соопштија дека освоиле две советнички места во Советот на Град Скопје.
-Сега Драгана Велковска и Горјан Јовановски ќе бидат вашите советници во Град Скопје. Борбата сега ја продолжуваме и на улица, но и во институциите, соопштија тие на својот Фејсбук профил.
Во општина Центар, независната листа „Шанса за Центар“ ќе има тројца советници предводени од досегашната независна советничка Јана Белчева откако освоија 11,70 отсто од гласовите.
– Со еден советник бевме гласни, а сега со тројца ќе грмиме! Во советот е моќта и ние ќе бидеме вашиот глас и вашата сила таму. Сакаме да дадеме, а не да земеме!, порачаа тие по изборите.
Листата „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ , предводена од Невена Георгиевска, пак, освои 2.280 гласови, или 7,9 отсто од гласовите.
-Сметаме на 2 добиени советнички места. Со огромна надеж и решителност влегуваме во следното поглавје од целиов процес, реализирање на основните принципи и заложби, за кои баравме доверба од вас, најавија тие.
Инаку, според првичните резултати по неколку советнички места независните листи освоиле и во општините Битола, Струмица, Ново Село, Гевгелија…
Очигледно, и на овој начин, со најголема поддршка на изворни граѓански кандидати, македонските граѓани испратија порака до политичките партии: „Или менувајте се или ние ќе си тераме со независни кандидати и подобро ќе ни е“.