Истражување: Над 70 отсто од македонските граѓани не прифаќаат отстапки за јазикот и историјата

Повеќе од две третини на граѓаните во Македонија сметаат дека не треба да се прават отстапки кон Бугарија во однос на историјата, јазикот и положбата на бугарското малцинство, покажале истражувањата спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.

-Повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4 отсто), се наведува во резултатите од истражувања кои што ги пренесува државната агенција МИА.

Истражувањето се правеше во однос на перцепциите на граѓаните за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“.

Анализата покажала дека новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката кај јавноста за членство во ЕУ. Во 2021 година 68 отсто од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ. Една третина од населението смета дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ, а во исто време над една третина од населението има доста нереални очекувања дека државава би можела да стане членка на ЕУ во следните пет години.

Две третини или повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Македонија (65,4 отсто).

Најсилната меѓуетничка врска постои во однос на јазикот. Македонците (86,8 отсто) и Албанците (61,4 отсто) не би поддржале прифаќање на ова бугарско барање како услов за деблокада на македонските евтоинтеграции, покажува анализата.

Главниот заклучок од анализата покажува дека во време на намален кредибилитет на ЕУ без видливи случувања во процесот на пристапување во ЕУ, граѓаните се чувствуваат подезориентирани од кога било досега.

-На испитаниците им е се потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата, што укажува на зголемена конфузија меѓу населението, стои во заклучоците на истражувањето.

Значително намалување има и во процентот на испитаници кои се отворено евроскептични, а постои меѓуетнички јаз во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата – Македонците и Албанците. Исклучително висок процент на етнички Албанци – 82 отсто го поддржуваат македонското членство во ЕУ, додека 63 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат европската интеграција на државата.

Осумдесет отсто од населението му придава одредена важност на процесот на пристапување во ЕУ. Речиси 40 отсто од испитаниците се убедени дека земјата е подготвена за членство што е одраз на недостигот на информации во врска со процесот на пристапување. Повеќе од една третина од населението смета дека земјата не остварила никаков напредок во процесот на пристапување во споредба со 2020 година, покажува анализата.

Претходна вестДенеска нови 631 заразени од 2.800 теста и 10 починати
Следна вестУбаво: Град Скопје ќе додели средства за 10 скопски општини за нови паркови и зеленило