Грчките спасувачки тимови и денеска ја продолжуваат потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин во морето кај грчкото летувалиште Посиди. Од грчката крајбрежна служба, како што пренесува македонската агенција МИА, вчера соопштија дека потрагата “ќе продолжи со разденувањето“. Вчерашната акција, во вода, од воздух и на копно, на грчката крајбрежна служба, на военото воздухопловство, на спасувачки тимови и волонтери во Посиди, не донесе резулата во обидите да се пронајде 28-годишниот македонски државјанин. Вчера, познато е, спасувачките служби успеа да го пронајдат 30-годишниот Иван отако тој во морето помина околу дваесетина часа. Иван, кој потоа е префлен во болница и е во добра состојба беше пронајден во морската област околу 15 наутички милји западно од Посиди.
Првично бил преземен од танкер, а потоа префрлен на патролен чамец на крајбрежната служба и пренесен на пристаништето во Неа Скиони. Градоначалничката на општина Касандра Анастасиа Халкиа во разговор со дописничката на МИА од Атина, откри дека мала топка му го спасила животот.
-Искрено сум многу среќна откако дознав дека е жив по 19 часа борба во морето. Една топка се најде пред него и оваа топка беше неговиот спас, рече градоначалничката која не можеше да ја скрие радоста што момчето беше пронајдено живо, особено по толку часови во морето.
Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата македонски државјани влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот. Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак вчера, беше пронајден и 30-годишниот Иван.