Жители од квартот Бронкс, во градот Њујорк, забележале зголемување на бројот на којоти ова лето, па затоа некои посетители на познатиот парк Клермонт, на пример, стравуваат за својата и за безбедноста на нивните миленици. Сепак, Одделот за паркови и рекреација на Њујорк вели дека којотите се вообичаени низ целата сојузна држава Њујорк, вклучително и во урбаните области. Според надлежните, при средба со којот, не треба да се паничи.
-Повеќето од нив не се опасни за луѓето… Нема причина да се верува дека којотите за коишто станува збор се нездрави (заболени или заразни) или претставуваат закана за безбедноста на луѓето. Меѓутоа, како и со сите диви животни, ги советуваме сите да се држат на растојание и да избегнуваат блиска средба со животното, соопшти Одделот за паркови и рекреација на Њујорк.
Којотите, иако вообичаено живеат во дивината и вон градовите, се присутни во Њујорк од 1930-те, а некои од овие диви животни во Бронкс се населиле во 1990-те. Во последно време се забележуваат и во њујоршките општини Квинс и Менхетн.