Наим Рамука повеќе не е началник на Регионалниот центар Север. Тргнат е од позицијата, бидејќи за него се води дисциплинска постапка за пропуштањето на возилата на претседателот на Собранието Африм Гаши, изјави за Сител министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Рамука останува да работи во МВР, но не како начаник на секторот за гранични работи Север.
– На началникот на Р.Ц Север Наим Рамука не му е продолжена наредбата, поради поведена дисиплинска постапка за него. Во рамки на внатрешната контрола при МВР за настанот кој предизвика интерес кај јавноста за пропуштањето на возилата на собранискиот спикер Африм Гаши на граничниот премин Блаце, кај Рамука е поведена постапка за утврдување на одговорност за непочитување на подзаконските акти, вели министерот Тошковски.
Разрешување на Рамука бараше опозициската СДСМ, речиси секој ден изминатиов месец, бидејќи неговото име се поврзуваше со бегството на Блерим Рамадани на Косово, со образложение дека тој со политички договор дозволил Рамадани кој беше во куќен притвор, да избега од Македонија.
Рамука беше таргетиран од опозицијата и што дозволил колоната возила кои беа заедно со собранискиот спикер Африм Гаши упатувајќи се на свадба на Косово, да бидат пропуштени на граничниот премин Блаце, без никакви проверки. Но конкретно, само за овој случај од МВР му отворија дисциплинска постапка.