Три жени загинаа во несреќата која денеска се случи на патот од Рашче кон Кондово и Сарај, информираа од ЦУК. Телата се најдени во автомобилот кој излета од патот.
-Возилото кое излета во Вардар во близина на село Рашче е извлечено. Од него се извадени телата на три женски лица. Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува, информираше Стојанче Ангелов од ЦУК.
Претходно беше објавено дека 4-годишно дете е згрижено во Детска хирургија, а според информации од болницата било извлечено од минувачи кои помогнале по несреќата и го спасиле.
–Здравствената состојба на пациентот згрижен на Клиниката на детска хирургија е стабилна. Имаше почетна хипотермија (н.з. смрзнување и ладење на телото), но беше брзо санирана таа состојба. Направени се проценки кои се уредни, но, поради начинот на кој настанале повредите, детето е задржано за понатамошни опсервации, изјави Лазо Јовчевски, директор на Детска Хирургија.