Најмалку 100 луѓе загинаа при напад со беспилотни летала врз воената академија во провинцијата Хомс, во Сирија, соопштија вчера официјални лица и Сирискиот центар за набљудување на човековите права со седиште во Лондон. Нападот се случи неколку минути откако сирискиот министер за одбрана ја напушти церемонијата на доделување дипломи во воената академија во градот Хомс во централниот дел на Сирија, пренесе Ројтерс.
Ова е еден од најкрвавите напади врз објекти на сириската армија за 12 годишната граѓанска војна.
Сириската армија соопшти дека беспилотните летала натоварени со експлозиви го погодиле место каде се одржувала церемонијата, кое било преполно со млади офицери и нивните семејства. За нападот беа обвинети бунтовниците „поддржани од познати меѓународни сили“, без да се прецизира конкретна група.
Во нападот загинаа и цивили и воен персонал, соопшти сириското Министерство за одбрана, додавајќи дека „терористичките“ групи го извршиле нападот со беспилотни летала.
Во соопштението не се наведува кој го извршил нападот, а одговорноста се уште не ја презела ниту една група.
Сириските министерства за одбрана и за надворешни работи објавија во соопштенија дека на нападот ќе се одговори „со полна сила“. Во текот на денот, сириските владини сили извршија бомбашки напади врз областа Идлиб, контролирана од опозицијата.
Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека загинале повеќе од 100 луѓе, а 125 се повредени. Извор од алијансата која ја поддржува сириската влада изјави дека загинале околу 100 жртви.
Фото: Архива