Најмалку 28 загинати рудари, 50 заробени под земја по експлозијата во рудникот во Турција

Најмалку 28 рудари се загинати а 50 се уште се заробени под земја во експлозија во рудник за јаглен во северна Турција. Гувернерската служба на црноморската провинција Бартин, како што пренесува турската новинска агенција Анадолу, соопшти дека шестмина повредени се испратени на лекување во Истанбул. Се претпоставува дека гас во рудникот експлодирал на длабочина од околу 300 метри под земјината површина, јавуваат локалните медиуми. Во акциите за пронаоѓање и спасување учествуваат преку 150 лица.

Во рудникот кој се наоѓа на 300 километри североисточно од Анкара, според наводите на турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Соулу, во времето на несреќата се наоѓале 110 рудари, од кои 49 во еден загрозен, подлабок дел.

Спасувачките екипи се обидуваат да им помогнат на настраданите рудари при што се јавува за 36 извлечени рудари.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер најави дека денеска ќе го посети местото на несреќата заради „координирање на спасувачките мерки“.

Во тек е истрага за причините за експлозијата. Најголемата турска опозициска партија, социјалдемократската Републиканска народна партија ЏХП, обвини дека властите игнорирале извештај на Ревизорската служба од 2019 година со укажувања за опасност од експлозија во овој рудник.

Во изминатите години во Турција се случија повеќе  рударски несреќи,  причините делумно се должат на недоволни мерки за безбедност.  Во 2014 година во експлозија на рудник за јаглен во провинцијата Маниса во Егејскиот регион загина вкупно 301 лице.

Фото: Макфакс

Претходна вестСкопјани се разбудија со топли радијатори
Следна вестДесет возачи непрописно престигнувале, осум поминале на црвено…