Најмалку 550 муслимански аџии од Египет, Јордан, Индонезија, Иран и Сенегал починале за време на извршување на овогодинешниот аџилак во Мека од топлотен удар, а илјадници други побарале лекарска помош поради колапс од високите температури, објави „Гардијан“.
Како што информираат дипломатски извори на Саудиска Арабија, меѓу загинатите има најмалку 323 Египќани и најмалку 60 Јорданци.
Саудискиот национален метеоролошки центар соопшти дека температурата во Големата џамија во Мека во понеделникот достигнала 51,8 Целзиусови степени.
Повеќе од еден и пол милион муслимански верници минатата недела пристигнале во Саудиска Арабија за да присуствуваат на овогодинешниот аџилак во Мека и Медина.
Саудиските власти постојано ги советуваат аџиите за време на извршување на обредите да користат чадори, да пијат многу вода и да избегнуваат изложување на сонце во најжешките часови од денот. Но, многу од ритуалите, особено за време на молитвата на планината Арафат, вклучува поминување неколку часа на отворено во текот на денот.
Според странските медиуми, волонтери за време на аџилакот истураат вода врз аџиите и им делат ладни пијалаци, со цел да им помогнат да се изладат. Сепак, службите на итната медицинска помош, како што пренесуваат медиумите, биле блокирани од работа носејќи инвалидски колички и кревети, со цел да им помогнам на колабираните аџии.
Аџилакот се одржува еднаш годишно во Мека и Медина, најсветото место за муслиманите. Секој возрасен муслиман што е во можност треба да го изврши петдневниот ритуал барем еднаш во текот на својот живот, доколку тоа го дозволуваат нивните здравствени и финансиски услови.