Осумгодишник бил најмладиот милионер во Македонија за 2021 година. Овој податок го потврди Директоката на УЈП Сања Лукаревска врз основ на анализите од даночните пријави кои минале низ системот на Управата.
– Во категоријата најмлад и највозрасен милионер за 2021 година се лица на 8 и 96 годишна возраст. Детето остварило доход од 1.020.508 денари по основ на семејна пензија, додека пак, деведесет и шест годишното лице остварило доход во износ од 1,2 милиони денари. Кај двата милионери најголемиот приход е остварен по основ на пензија, рече директорката Лукаревска.
На врвот на листата со пријавен бруто годишен доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примања се од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања.
Највисоката годишна бруто плата во 2021 година исплатена е кај граѓанин од Скопје. Платата е остварена во дејноста трговија на големо со производи од тутун и изнесува 122, 3 милиони денари.
Граѓанин од Скопје во 2021 година ја остварил и највисоката капитална добивка во износ од 130,1 милион денари од продажба на сопственички удел, додека највисоката исплатена дивиденда во износ од 203 милиони денари е исплатена на граѓанин на Велес, од исплачувач чија дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутун.
На врвот на листата за остварување доход од самостојно вршење дејност повторно се скопјани. Највисокиот износ е 102,4 милиони денари.
Во десетте топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија, трговија на мало со делови на моторни возила, малтерисување и производители на амбалажа од хартија.
На листата на милионери се наоѓа и жител на Ресен со 12,6 милиони денари тој остварил највисок доход од продажба на земјоделски производи, Скопјанец кој остварил највисок бруто-доход од закуп и подзакуп на имот издавање на земјиште, станови, деловни простории, превозни средства и друг вид на имот кој изнесува 37 милиони денари, додека пак, друг Скопјанец е прворангиран за остварен бруто-доход од авторски права и други стварни права во износ од 22 милиони денари. На листата на милионски приходи се и граѓани кои оствариле добивки од игри на среќа, обложувалници, странски пезнии…
Директорката Лукаревска најави дека деновиве во УЈП почнуваат со генерирање на даночните пријави за 2022.