Најголемата германска издавачка куќа Аксел Спрингер, која меѓу другото го издава весникот „Билд“, најави масовни отпуштања и делумна замена на отпуштените работници со вештачка интелигенција, пренесуваат германските медиуми. Засега е предвидено да бидат отпуштени повеќе од 200 вработени.
– Ќе мораме да се збогуваме со колегите кои досега ги извршуваа функциите кои во дигиталниот свет ги извршува вештачката интелигенција, се наведува во интерниот мејл што менаџментот им го испратил на вработените.
Во редакцијата, многу работни места поврзани со лекторирање или визуелен дизајн на страници може да се укинат.
Според германската новинска агенција „ДПА“, засега е предвидено да бидат отпуштени повеќе од 200 вработени. Раководството на Аксел Спрингер објави дека целта е „социјална грижа“ за работниците кои би останале без работа.
Отказите и зголемената употреба на вештачката интелигенција се поврзани со стратегијата за целосно свртување кон дигиталното издание на дневните весници како „Билд“ и укинување на печатените изданија. Под влијание на мерките за штедење се и регионалните канцеларии и издавачките куќи.
Со околу 1,1 милион отпечатени примероци, Билд е сè уште најтиражниот германски дневен весник. Но, во последните години тиражот е во постојан пад. Билд во 2013 година продаде двојно повеќе печатени примероци од денес.
На крајот на 2021 година, Билд го отпушти и главниот уредник Џулијан Рајхелт поради обвинувања за злоупотреба на моќта и сексуално вознемирување на колешките, а правната битка со поранешниот уредник сè уште трае.