Властите ветуваа многу поподготвена нова учебна година. И, бидна така?
Ученици пак како и лани ќе немаат учебници. Ова вистина вчера излезе на виделина откако државната Комисија за антидискриминација точно наведе што имаат, а што немаат како учебници основците коишто пред некој ден ја започнаа учебната година. Состојбата е поразителна: од 126 учебници на основците им недостасуваат дури 43, учениците од трето и шесто одделние немаат ниту еден по задолжителните предмети, недостигаат 34 проценти од учебниците, само учениците од прво и второ одделение ги добиле сите учебници…
Прашањето е како тие ќе учат, како воопшто е можно во текот на учебната година да се изведува редовна настава, ќе се сведе ли таа на импровизации? Но, уште поголемо прашање е кој и зошто ова го дозволил бидејќи јавноста, родителите и учениците оваа воопшто не го знаеа?
До само пред неколку дена министерот за образование Јетон Шаќири убедуваше дека ова ќе биде една од најуспешните учебни години кога е во прашање снадбеноста со учебниците. Ќе доцнеле само малку учебниците за шесто одделение, но до крајот на септември учениците ќе ги добиеле и тие
– Ќе имаме доцнење за одредени учебници, особено во шесто одделение, но учебниците во оваа година нема да доцнат како што беше минатата учебна година. Во период од една година успеавме во основното образование да одобриме и истовремено да печатиме и доставиме до училиштата повеќе од 50 наслови на учебници…, изјавуваше пред стартот на учебната година Шаќири.
Но, сега се виде дека не е така, дека состојбите се многу полоши, дури и од оние во минатата учебна година. Зошто е така, зошто тоа се дозволи, министерот и должи одговор на јавноста.
Со ова, како да веќе е јасно што може да се очекува од оваа учебна година. На брзина започнатата реформа на реформата на реформираното образование пак крахира.
Просто човек да се запраша: Намерно ли да го ослабуваат образовниот систем во Македонија или надлежните толку ги бива?