Наместо авиокомпании Владата ќе субвенционира дестинации – ќе се плаќа по патник во доаѓање

Владата со сет мерки ќе го стимулира авиопревозот во земјава кој е во надолна линија. Министерот за транспорт, Александар Николоски, објави новини во субвенционирањето во авиосообраќајот што треба да ја сменат состојбата.

– Македонија од лидер во регионот во делот на воздушниот сообраќај некаде пред 10-15 години, во последниве години се соочува со намалување на бројот на летови, на бројот на дестинации и најважно на бројот на патници кои доаѓаат во Македонија. Тоа се должи на многубројни фактори, кои дел се од објективен карактер, дел се од субјективен карактер, но за истите треба да наоѓаме решенија во периодот кој следува  рече Николоски.

Главна новина е што место субвенционирање авиокомпании, Владата ќе субвенционира дестинации, како што е сега унгарскиот нискобуџетен превозник „Виз ер“ и германската „Луфтханза“ со кои лани имаме потпишано тригодишен договор.

– Ја избегнуваме праксата кога се субенцираа една, две или три авиокомпании. Со овој начин ја избегнуваме зависноста да субвенционираме еден авиопревозник. Причината за драстичното намалување од 330.000 патници оваа година, за жал е поради проблемот што го има „Виз ер“ со своите авиони, што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во Македонија. Оваа компанија во моментов држи над 60 проценти од целиот авиосообраќај на двата македонски аеродрома, објасни Николоски.

Авиокомпаниите кои ќе конкурираат на конкурсот што ќе биде објавен следната недела, ќе треба да исполнат услов – да имаат опслужено 5 милиони патници во текот на 2023 година. Треба да имаат и најмалку 10 милиони евра профит во текот на 2023 година. Николоски и појасни дека новите дестинации за кои ќе се дава субвенција можат да бидат и надвор од ЕУ, што досега не беше така.

Друга новина е што ќе се субвенционира патник во доаѓање во Македонија, а не како досега во заминување. Исто така се зголемува поддршката, ако претходно беше 7 евра по заминат патник од Скопскиот аеродром, односно 4 евра од Охридскиот аеродром, со новата програма субвенцијата ќе биде 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром, односно 12 евра по заминат патник од Охридскиот аеродром, со цел стимулирање на туризмот.

Трета новина е што се тргнува условот да линиите се опслужуваат и по завршувањето на субвенциите и ова е главната причина, вели Николоски, зошто се намалуваше бројот на патниците од аеродромите.

Програмата за субвенционирање на авиопревозот ќе стартува од 1 јануари 2025 година и ќе важи до 31 декември 2027 година и за секоја од овие три години се планирани по 125 милиони денари (2 милиони евра), за разлика од досегашната која изнесуваше 63 милиони денари годишно.

Претходна вестМицкоски: Ние после две ипол децении не можеме да бидеме дел од ЕУ, не можеме ни да почнеме да преговараме
Следна вестСтудентите бараат поевтин меѓуградски превоз и ваучери за туризам