Премногу загинати и тешко повредени пешаци има по македонските сообраќајници. Она што особено загрижува е што многу од овие несреќи се случуваат на пешачки премин. Зошто сите учесници во сообракајот не отвораат „четири“ очи за да тоа се спречи?
Еве и денеска имаме пострадани пешаци. Имено, утринава во Штип две девојчиња на возраст од 16 и 17 години се згазени на пешачки премин покрај Средното општинско училиште СОУ „Коле Нехтенин“-Штип. Во нив удрило возило со марка „Цитроен“ управувано од 28 годишен штипјанец.
Едното од девојчињата се здобило со тешки телесни повреди и скршеница на карлицата. Ова е само нова во низа нереќи на оваа сообраќајница на која општинските власти ја подобрија безбедноста по загинувањето на еден средношколец. Но, излезе дека и тоа не е доволно и дека пешачките премини пак не се сигурни и не гарантираат дека нема да се случи сообраќајна несреќа.
Пред три месеци во централното подрачје на Скопје, на улица „Железничка“ градежна машина усмрти една жена која улицата ја поминувала токму на обележан премин. Во јуни годинава малолетник бил удрен и повреден додека го поминувал булеварот „Партизански одреди“ во Карпош, во јануари тинејџер прегази и усмрти 71-годишен скопјанец во пешачки премин во Чаир…
Случаите со прегазувањето и усмртувањето на девојка кај „Сити Мол“ во Скопје, на 11-годишно девојче во Велес по кое возачот избегал уште не се заборавени во јавноста.
Очигледно е дека ни пешачките премини не се сигурни места и дека опасноста од сообраќајки, од загинувањето и повредувањето се секојдневни. Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен: непочитување на сообраќајни правила и прописи од страна на возачите, но некогаш и од пешаците.
А прописите се јасни. Само треба сите да ги почитуваме.
Полицијата пак е должна да ги потсетува – учи сите што „заборавиле“ какви се правилата. Го прави ли таа тоа доволно?