Пет лица, меѓу кои три деца, се пренесени во болница по сериозен инцидент во Даблин, соопшти ирската полиција. Инцидентот се случил вчера во центарот на градот нешто по 13:40 часот по локално време. Ирската телевизија „РТЕ“ објави дека повредите биле предизвикани од убодни рани. Ранети се маж, жена и три малолетни деца. По инцидентот во Даблин избија масовни нереди.
Едно девојче и една жена се лекуваат со тешки повреди. Други две деца и еден маж се згрижени со полесни повреди, соопшти полицијата.
– Пет жртви се пренесени во различни болници во регионот на Даблин, изјави портпаролот на ирската полиција. – Меѓу жртвите има возрасен маж, возрасна жена и три мали деца, додаде тој.
Набрзо по инцидентот избувнаа насилни немири во центарот на Даблин, односно дошло до конфликт меѓу полицијата и толпа луѓе. Интервентаната полиција излезе на улица, запалени се автомобили.
Началникот на ирската полиција ја обвини за немирите како што рече „лудачката, хулиганска фракција водена од идеологија на екстремната десница“ и ги повика луѓето да ги игнорираат „дезинформациите што кружат на социјалните мрежи“.
Министерката за правда Хелен Мекенти рече дека се работи за разбојници и криминалци кои ќе бидат уапсени и затворени.
Како што пренесуваат локалните медиуми демонстрантите нападнале трамвај на Св. Стефан Грин, скршиле неколку прозорци и го запалиле. После тоа, ограбиле и некои продавници лоцирани во близина.
Порталот наведува дека во толпата имало мажи на 20-годишна возраст, со покриени лица кои извикувале слоган „извадете ги“.
„Индипендент“ пишува дека напаѓачот е маж кој во последните години живеел на различни адреси во Даблин. Тој е ирски државјанин кој долги години живее во Ирска, но не е роден таму.