Позната е и како најмладата Народна хероина на Југославија, титула што ја добила на 9. октомври 1953 година кога имала само 26 години. Односно, тогаш е прогласена за Народен херој од НОБ, а во партизанските редови стапила со само 14 години. Иако уште дете таа покажала исклучително голема храброст во текот на сите години кога се борела против фашистите за македонска држава и слобода.
Таква е приказната за Фана Кочовска – Цветковиќ, од чија смрт, неодамна на 17 април, се навршија цели 19 години. Родена е во битолското село Лавци на 27. јули 1927 година, во типично македонско печалбарско семејство. Татко и на Фана отишол на печалба во САД уште додека таа била бебе.
Втората светска војна ја затекнала со само наполнети 13 г. и 9 месеци, кога и била примена во Сојузот на комунистичката (о)младина на Југославија (СКОЈ). Само по неколку недели, поради прогонот од бугарските фашистички власти, Фана преминува во илегала. На 14-годишна возраст застанала со пушка в раце во партизанскиот строј на Народноослободителната борба – НОБ. Како припадничка на партизанските одреди „Јане Сандански” и „Даме Груев”, Фана учествува во неколку битки против германско-бугарските наци-фашистички окупатори. Се одликува со голема храброст, смелост, енергичност и присебност, поради што, како најмала меѓу соборците, ги освоила симпатиите на сите. Била дел и од Февруарскиот поход во 1944., од Кожуф до Козјак како водач на младинскиот баталјон „Стив Наумов”.
Во пролетта на 1944 година, Фана била дел од група од седум војници, кои требало да го запрат производството во рудникот за олово во Пробиштип. Задачата била да ги нападнат бункерите запоседнати од страна на германски и бугарски фашисти. Задачата била реализирана, но Фана била повредена. Другарите едвај се спасиле од непријателот. Седиштето на бригадата одлучило да ја остави да биде лекувана во селото. Фана одбила да остане во селото, и продолжила да се бори со бригадата.
Таа се истакнала и за време на битката кај селото Лавци, кога биле убиени командантот Тошо Ангеловски – Даскалот, младиот Панде Хајзе и неколку други. Се скриле во околината на селото Лавци, околу еден месец и половина со група партизани, Фана четири дена останала сама, опкружена од страна на бугарските патроли, кои и дење и ноќе ги барале, знаејќи дека партизаните се во близина. Но, и тогаш таа успеала да не биде откриена и по што следело продолжување на борбата до конечната победа и ослободувањето на Македонија.
Подоцна, следело нејзиното вклучување во изградбата на македонската држава и работи на повеќе значајни државни функции со кои се вградила во тој дел на македонската историја.