Намалени се проекциите за порастот на македонската економија од страна на Народната банка. Така, според денеска соопштените проекции македонската економија годинава ќе порасне 2,3 проценти, а следната година порастот ќе изнесува 3,3 проценти. Инфлацијата годинава ќе изнесува 3,5 отсто, а следната година 2,5 проценти со очекување и натаму да се намалува.
Според априлските макроекономски проекции, растот на македонската економија беше проектиран на 2,6 проценти, а просечната инфлација за годинава беше проектирана на ниво од 3,5 отсто.
– Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети, изјави денеска гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.
На среден рок, во периодот 2026 ‒ 2027 година, се очекува натамошно забрзување на растот, во согласност со очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.
На растот негативно влијае состојбите со извозот, а позитивно инвестициите и растот на потрошувачката. Растот на личната порошувачка изнесуваше 2,5 отсто, додека на инвестициите 8,2 отсто како резултат на јавните и приватните инвестиции и солиден кредитен раст.
Извозот се предвидува да расте со стапка од 2,8 проценти, додека на увозот со стапка од 3,9 отсто.
Во проекциите за раст на економијата, како што рече гувернерката, се предвидени и неповолните очекувања за германската економија која во Европа најбавно закрепнува.
– За нас германската економија е клучен партнер. Дури и ако се споредиме во рамки на регионот на Западен Балкан нашата изложеност кон германската економија е најголема, нешто над 40 отсот од вкупниот наш извоз се насочува во германската економија. Оттаму, секогаш ги следиме движењата во германската екон0мија и ги вградуваме при нашите проекции. Всушност една од причините за ревизија за изгледите за растот во нашата екон0мија е намалување на странската побарувачка, а во голема меркна на странската побарувачка како доминантен извозен партнер влијае германската економија, рече Ангеловска Бежоска.
На прашањето дали со унгарскиот кредит и неговото целосно повлекување од една милијарда евра, Македонија има простор за ново задолжување, гувернерката рече дека стабилноста на јавните финансии е клучна од два аспекти – за среднорочна одржливост на јавниот сектор за да може државата да го подготви и да го изгради својот капацитет за споравување со натамошни шокови, и второ, многу е важно за поддршка на монетарната политика.
-Колку фискалната политика е попрудентна во своето однесување, тоа создава простор за релаксирање на монетарната политика, односно посоодветни услови за поддршка на компаниите и на граѓаните преку пониски каматни стапки кои се значајни за поддршка на економијата, рече гувернерката, додавајќи дека како Народна банка не се вклучени во преговорите меѓу банките и Владата за условите на кредитирањето на компаниите од страна на банките со средства од унгарскиот кредит, па затоа и не може да ги коментираат.