Нашата масовна вакцинација почнува викендов, ама во Белград

Стотици наши граѓани добиле термини викендов да се вакцинираат во Србија.

Ова може да се забележи од нивните објави на социјалните мрежи, од кои може да заклучи дека сите треба в сабота или в недела да се појават на Белградскиот саем каде ќе бидат вакцинирани со вакцините на „Астра Зенека“.

Тие термините ги добиле преку електронска регистрација преку државниот портал Е-управа, да остават број на мобилен телефон од Србија и да чекаат смс-порака со време и место за вакцинација.

И Стопанската комора пред неколку дена објави дека преку срспката комора се обезбедени 10.000 вакцини за македонски бизнисмени кои можат викендов да ги искористат.

Претходно, и Независниот синдикат на македонската полиција најави дека договорил соработка со српските колеги за вакцинирање на наши полициски службеници, а денеска таква можност има и за ветеринарите.

Досега стотина новинари примија прва доза од оваа вакцина во Врање.

На Белградскиот саем во тек е вакцинација на голем број странски државјани кои се пријавиле и преку системот Е-управа, од кои најмногу има државјани на Босна и Херцеговина и Црна Гора.

На македонските државјани и граѓаните на земјите од регионот достапна им е вакцината на „Астра Зенека“, а според кажувањата на вработените на Белградски саем, имунизацијата со вакцините „Синофарм“, „Фајзер“ или „Спутник В“ викендов не е можна за странци, туку само за српските државјани.

Граѓаните на Србија од овој понеделник можат без закажување да се имунизираат со вакцините на „Астра Зенека“.

Од Министерството за здравство за некои медиуми изјавија дека нема никаква пречка македонските државјани да се вакцинираат во Србија или која било друга земја ако добијат уредна потврда.

Досега кај нас се вакцинираа само здравствените работници со вакцини од „Фајзер“ кои ги добивме од Србија и 3.000 руски вакцини. За в недела е најавено дека ќе пристигнат 24.000 вакцини „Астра Зенека“ преку Ковакс.

Претходна вестРасте бројот на починати од ковид: 33 лица за 24 часа и нови 1.422 заразени
Следна вестСончево, до 18 степени