Наскоро започнува третата фаза од изградбата на НУ Турски театар кој се гради веќе девет години

Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска го посети објектот во градба изјави дека процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно. За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира.

-Наскоро очекуваме публиката да има нов театар. Министерството за култура во три буџетски години – 2024, 2025, 2026, продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Директорката на Турски театар-Скопје, Ајлин Емин Скоро, соопшти дека втората фаза од изградбата е завршена и ќе се отпочне со третата фаза – внатрешните инсталации.

-Веќе е во тек јавната набавка која чекаме да заврши во законски рок, да се одреди изведувачот и веднаш да се почне со внатрешните инсталации – механиката, електриката, водовод и канализација. Објектот е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува и афирмира јазикот и култура на турскиот народ тука, и во него ќе функционира и новоформираната национална установа Турски културен центар со галерии, изјави директорката на оваа национална установа.

НУ Турски театар-Скопје постои 74 години и до пред десетина години работеше во ист објект со Албанскиот театар-Скопје во тогашниот Театар на народностите. На таа локација во новоизграден објект сега работи Албанскиот театар-Скопје, а за Турскиот театар во 2015 почна изградбата на нова театарска зграда во близина на Железничката станица. Додека трае изградбата на Турскиот театар, во изминатите десет години ансамблот ја дели сцената и работи под ист покрив со Театар Комедија.

Претходна вестМакедонски концепт: Ја поздравуваме одлуката на кандидатот Пендаровски да го истрча и вториот круг
Следна вестДури 24.549 гласачки ливчиња се неважечки, што ли граѓаните пишувале на нив?