Наставниците на протест, се противат на спојувањето на повеќе предмети во еден

Со трансперенти на кои беа испишани пораките „Кажи не на уништувањето на географијата”, „Без географијата сме изгубен народ” и категорично противење на најавеното спојување на повеќе наставни предмети во еден денеска протестираа наставниците организирани од Независниот синдикат за образование и наука. На протестниот марш од паркот „Жена борец“ па до Министерство за образование тие искажаа и незадоволство од ниските плати.

Членовите на синдикатот се незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика и Техничко образование. Ваква појава, според претседателот на Независниот синдикат за образование Томислав Гиевски, може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.

-Географот се обучувал да предава географија, историчарот историја…Со ваквите промени просветните работници стануваат универзални, секој да биде соодветен за секој предмет да го предава. Тоа е исто како хирурзите да ги испратиме да гаснат пожар, а пожерникарите да ги испратиме да работат во некоја конфекција. Се погазува професионалноста. Со спојување на наставните предмети во рок од пет години со целосна имплементација во просек ќе се изгуби едно работно место во две училишта, зборувам за училишта кои имаат четири одделенија. Дваесет и четири часа недостасуваат по природните и општествените науки, заедно со укинување на предметот иновации. Би требало јас како наставик по географија да предавам за Антички Египет-од каде знам јас или по природни науки во шесто одделение би требало да предавам за електрицитет по географија. Тоа е неприфатливо и ние ќе се спротиставиме на тоа, рече Гиевски.

Тој додаде дека во моментот во секторот образование се уште најниската плата за најнизок степен на сложеност е 12.000 денари.

– Сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува нето 20.175 денари. Кога станува збор за просветните работници изреката е постојано дека нема пари, дека државата е во криза, но видовме како експресно најдоа начин да си ги зголемат платите нивни државните функционери за 78 отсто. За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а просветните работници секогаш се ставени на маргините, не се почитуваат колективните договори во делот на додатоците, платата доцни константно во последниве 20 години, не е никогаш иплатена во законски предвидениот рок, рече Гиевски.

Тие најавија дека доколку нема слух и доколку не настанат радикални промени во скоро време од страна на МОН ќе повикаат на преземање порадикални чекори што подразбира организирање „обичен или бел штрајк“ во зависност од синдикалната поддршка.

Претходна вестМицкоски: Светите Кирил и Методиј му припаѓаат на цивилизираниот свет, а ние сме нивна колевка
Следна вестСаутгејт го објави списокот, Македонија на „Олд Трафорд“ ја чекаат Кејн, Белингам, Вокер, Рашфорд…