Реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ што ја направи Градот Скопје не е искористена за да се направи и велосипедска инфраструктура, реагира денеска граѓанското здружение „НаТочак“. Ова организација која што се залага и за подобрување на условите за велосипедистите во градот реагира на начинот на којшто е извршена реконструкцијата, а за што денеска информираа градските власти.
Од НаТочак поставуваат прашање што, всушност, е реконструирано на улицата „Никола Карев?“, дали просторот каде се движат колите или целата улица по која се движат и пешаци, велосипедисти, луѓе во инвалидски колички…
-Оваа реконструкција ќе беше логично да служи за да се изведе безбедна велосипедска инфраструктура која ќе служи како конектор на постоечката од Рута 1 (Гази Баба до Карпош) од Ист Гејт Мол преку мост „Беласица“ со Рута 2 (Аеродром до Ѓорче) кај Железничка и по постоечката по остатокот од ул. „Никола Карев“ се до непостоечката на тазе изведената ул. „Есенинова“ и по бул. „Борис Трајковски“, каде е зацртана Рута 3 (Кисела Вода до Ѓорче) од Скопје Велоград. Изгледа под „модерно“ во програмата „За модерно Скопје“ се мисли тоа што било модерно пред 20 години, а не во моментов, потецнираат од НаТочак.
Градот Скопје информира дека е завршена реконструкцијата на улицата „Никола Карев“, на потегот од крстосницата со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ до крстосницата со улица „Ѓуро Ѓоновиќ“. Улицата е реконструирана за една недела.