Навистина ли ЕУ е несериозна околу проширувањето или само така им се чини на 47 проценти од македонските граѓани?

Македонија со децении е определена за влез во ЕУ. Ама дали ЕУ е определена за тоа нашава земја да добие членство?

Ако се слушаат и читаат изјавите на евробирократите низ годиниве ќе се дознае дека Брисел многу сака Македонија да стане членка на ЕУ. Но, по толку години чекање тоа да се реализира, голем дел од македонскиот народ почна да не верува во кажаното.

Во последната анкета на ИРИ се покажа дека дури 47 отсто од македонските граѓани, сметаат дека ЕУ не е сериозна во намерите да ни понуди членство. Практично, секој втор жител на Македонија смета дека она што се најавува од ЕУ околу прочирувањето треба да се земе со резерва. 

Претеруваат луѓево или се во право?

За оние со подобра меморија уште одекнуваат зборовите во 2009 година кога тогашниот висок преставник на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана кажа дека во таа година може да се случи почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

– 2009 може да биде добра година за почеток на вашите преговори за членство. Вие сте во позиција во која со мал напор, може да влезете во преговарачкиот процес со ЕУ, изјави тогаш Солана.

Ама, ете за малку тоа не се случи. За малку. И наредните години следеа слични изјави и така се до 2018 година кога само требаше да се смени името на државата и готово – преговорите и влезот во ЕУ ќе почнеа. И наметнаа смена на името, ама во ЕУ…

Потоа почнаа нови најави дека се е готово за почеток на преговорите само треба малку измени на Уставот да има…

И така се до денеска. А во меѓувреме од страна на функционерите на ЕУ се редеа нови и нови изјави во стилот – „Подготени сте за преговорите“, „Многу ве сакаме во ЕУ“, „ЕУ не е целосна без Западен Балкан“, „Преговорите сега ќе ги почнете“…, а ги изговараа како во Брисел, така и во Скопје Урсула фон дер Лајен, и останати актуелни и поранешни еврофункционери – Борел, Вархеји, Хан, Могерини…

Дури и од време на време ќе се случеа и изјави од типот: „ЕУ направи голема грешка во однос на Македонија“ и слично… ама потоа своите грешки не ги поправаа или ги поправаа со нови барања и условувања кои треба Македонија да ги исполни.

Сето ова очигледно ги разочара и затоа се скептични скоро половина од граѓаните на Македонија. Веруваа дека ЕУ е демократска унија каде правото и правдата владее и дека ја водат луѓе од збор.

Во една прилика самокритична беше и фон дер Лајен.

– Не е доволно само да се каже дека вратата е отворена. Ние, исто така, мора да преземеме одговорност и да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија на секој можен начин. Ова е причината зошто го создадовме нашиот План за раст за Западен Балкан, изјави Фон дер Лајен.

И од тогаш помина време, во Македонија се чека поконкретно реализирање на тој план. Ќе се случи тоа набрзо или пак да очекуваме дека ќе ни се поставуваат нови и нови услови (читај ултиматуми какви не добила друга земја кандидат) од некои членки на ЕУ?

Брисел е на потег. Големо мнозинство од македонските граѓани чекаат и посакуваат прием во ЕУ. Впрочем анкетата покажа дека на прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум дури 68 проценти одговориле потврдно.

Што ќе ли покаже наредната анкета по ова прашање останува да се види од сработеното, а не од кажаното дека сигурно ќе сработат околу проширувањето на ЕУ.

 

 

 

Претходна вестПретседател на грчка партија од собраниската говорница го искина Договорот од Преспа
Следна вестЗастрелан словачкиот премиер Роберт Фицо, однесен во болница