Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4,34 милијарди евра, соопшти денеска Народна банка по усвојувањето на извештајот за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал од 2024 година од страна на Советот.
Се додава дека најголемиот дел од девизните резерви на крајот од јуни се распределени во хартии од вредност (60,1 отсто), по што следуваат валутите и депозитите (28,8 проценти) и монетарното злато со 11,1отсто
Притоа е констатирано дека дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје.
-Управувањето со девизните резерви беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство“, се наведува во соопштението.
Оценето е дека во согласност со принципот на сигурност, при позначителна променливост на финансиските пазари, беа зголемени најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање.