Не е можно претседателот Пендаровски да има толку мал рејтинг кај народот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски полека гази кон крајот на својот мандат. Тој истакна неодамна дека мислењето на граѓаните на Македонија ќе биде решавачки фактор за тоа дали повторно ќе се кандидира за претседател. А граѓаните низ годиниве на негово заседнување во вилата на Водно сумираа мислење за него.

Најчесто, тоа мислење не е баш „розево“. Вчера како проект на порталот МКД.мк агенцијата Маркет вижн анкетираше 1.200 испитаници во периодот од 6 до 16 февруари. Резултатите, пак, покажаа дека граѓаните немаат голема доверба во Пендаровски. Па така, на прашањето „Во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба?“ само 0,3 проценти се изјасниле дека довербата ја имаат во Пендаровски. Тоа е значително помалку отколку што е рејтингот на лидерот ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски – 11 отсто, и од лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски – 8,2 проценти. Дури многу помалку и од другите коишто се најдоа на листата.

Зошто процентот за претседателот Пендаровски е толку мал? Може луѓето се збуниле од прашањето оти тој не е лидер на партија? Може помислиле дека се работи за некој друг Пендаровски?

Претседателот сега треба да си процени дали довербата од 0,3 проценти е реална и дали е доволна за повторна кандидатура. Тој неодамна изјави дека сака да знае дали граѓаните имаат доверба во него.

-Не сум од оние што само да се пријават па битно е да си во трка. Јас сакам да знам дали граѓаните имаат во мене доверба и дали ќе ми дадат доверба кога ќе дојде до тоа. И, се разбира, треба некој да те предложи, нема сам да се пријавам на шалтер. Ако СДСМ ме предложи, ќе речам благодарам, но за мене уште побитно е што мислат македонските граѓани за мојата работа. Ако тие немаат високо мислење, нема да учествувам, рече Пендаровски.

Тој тогаш изјави и дека многу работи може да се сменат до претседателските избори, па и рејтинзите. Да почекаме, ќе има и други анкети. А ако сепак анкетите и понатаму се со мал процент на поддршка, тогаш е можеби појасно што ќе се случи – да не учествува во нова претседателска трка. Можеби ќе следи и селење на државата.

-Да не бев претседател и самиот би се иселил од мојата држава, истакна тој пред три години.

Сепак, да оставиме можност дека во анкетата има нејаснотии. Не е можно Пендаровски да има толку мал рејтинг кај народот. Па тој цело време кажува дека многу работи за доброто на Македонија.

Претходна вестНов силен земјотрес со јачина од 5.7 степени според Рихтер ја стресе Турција
Следна вестКазнети 824 возачи, 14 од нив „летале“ со брзина над 70 км повеќе од дозволеното