Не е убаво кога некој на ТВ пресметливо сака да калкулира со вашето мислење

Дејан Трајкоски, писател, уредник, директор на Интернационален литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан, смета дека изборот на граѓаните што да гледаат на малите екрани секогаш треба да биде она најдобро.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

Во секое време, но, посебно во ова невреме, препорака се каналите преку коишто може да се патува. Преку храна, култура, традиција, убави места, но и зачудувачки реалности, сурово минато или проекција на иднината. А зошто? Затоа што автори како Ентони Бордеин или Гордон Ремзи секогаш се поинспиративни од кој било политичар. Првите го прикажуваат најдоброто од различните култури, а вторите, најчесто, го практикуваат најлошото од нивната некултура.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Достоевски не бил сосема во право пишувајќи дека убавината ќе го спаси светот. Порационално толкување на таа мисла е дека убавината има шанса да го спаси светот. А убавина на ТВ, секогаш, има помалку од неубавина. А што е неубаво? Кога некој пресметливо сака да калкулира со вашето мислење. Кога тривијалноста глуми длабочина, а дилетантизмот – професионализам. Па и затскриените намери, драматичните најави на вести…

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Скопје е секојдневна ТВ тема, откривана во лево или десно светло, зависно од медиумските финансиски инјекции. Сепак, Скопје не е само загаден воздух, спорни градби и сообраќаен хаос. Скопје се и згаснатите места во Старата чаршија и новоникнатите монструми. Скопје е и идејата за клупата на Горан Стефановски. Скопје е и луѓето кои се или биле, како Шпато, Урошевиќ, Реџепова, Мартиноски, Џундева…

Сепак, речиси никој од легендите поради коишто Скопје е вакво какво што е, па и новите сили, немаат речиси никакво место во македонскиот етер. За среќа, Скопје не е само начин на кој ќе умреме. Скопје е однапред изгубена битка за којашто никогаш нема да снема борци. 

 Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Прво, добри и квалитетни емисии и серии за деца. А потоа повеќе емисии за култура. Денешните деца и млади гледачи имаат достапност до сите можни платформи и информации, и не „купуваат“ се што ќе им падне на рака. Светот стана глобално село. Далечинскиот управувач е заменет со апликација на телефон. Затоа, модерни и едукативни емисии за деца се императив за нивната медиумска култура.

И, секако, повеќе емисии за култура. Со модерен и свеж пристап кон обработувањето на темите. Со естетика достојна за динамиката и визуелниот раскош на 21от век.

Претходна вестРакометарите на Македонија денес играат против Данска
Следна вестВМРО-ДПМНЕ : Се помалку слободни кревети во болниците а Филипче брка провизии