Поголема пратка на вакцини во Македонија треба да пристигне утре. Но македонските граѓани веќе не оставаат ништо на случајот особено ако тој зависи од овдешната власт која многу пати најави дека вакцините ќе дојдат, па ништо од тоа не биде. Затоа граѓаните денеска се упатија во Белград – таму да се вакцинираат.
Главниот град на Србија овој викенд е центар за вакцинација во регион. Само денеска околу 5.000 жители од БиХ, Црна Гора и над 2.000 македонски државјани бесплатно се вакцинираат на белградскиот саем. Нашиот јужен сосед обезбедува за сите нив вакцини на „АстраЗенека“.
Дописникот на МИА од Белград, доловувајќи ја атмосферата од Србија објаснува дека колони автомобили со македонски регистарски таблички се упатувале на Белградскиот саем, во Хала 3, каде се одвивала вакцинацијата за странските државјани. Имало двата реда во кои од рано утрово се чекало со часови.
На социјалните мрежи има сведоштва на македонски граѓани кои биле да се вакцинираат во Србија.
-Не можев повеќе да чекам да ме маткаат од нашата Влада кога ќе дојдат вакцините. Се пријавив во Србија на официјален портал и добив и-мејл дека во сабота треба да одам во Белград на Саемот. Фала им, добро беше организирано и покажаа дека се пријателски и братски народ со нас, напишал еден наш сограѓанин.
Инаку, денес и утре околу 1.700 македонски стопанственици се вакцинираат во Ниш, а утре се очекува и најавено е голем број македонски државјани да се упатат за Белград, на Белградскиот саем бесплатно да се вакцинираат со „Астра Зенека“.
Сето ова предизвика и голема реакција на граѓаните на социјалните мрежи. Тие пред се искажуваат разочараност од македонските власти кои предизвикуваат не само здравствена загрозеност на населението туку и голем срам на Македонија која иако е во НАТО нејзините граѓани молат да и помогне Србија – држава која како што велат нашите власти е изолирана во светот. Воедно се бара одговорност и оставки поради лошото справување со пандемијата.