Не ни треба нуклеарна подморница во Дојранско езеро

Како се доближуваат изборите, така се зголемуваат ветувањата на политичарите. А, се уште не е ниту почната изборната кампања.

Па така, пред некој ден првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски, се осврна на своето владеење и како што рече на фактот дека има многу подобрувања кои се случија за тоа „негово“ време, и дека во иднина ќе ги има повеќе.

-Во наредниот период, во мојот втор мандат како претседател на Владата, ќе работиме да дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра. И ова, ве уверувам дека со правилни политики е достижно, порача Ковачевски.

Што ли да очекуваме дека ќе кажат-ветат политичарите во наредните два месеци? За ова прашавме и неколкумина аеродромци кои вчера беа на пазарчето позади ТЦ „Бисер“.

-Ги бива за ветување. Ако се занесат во таа работа и нуклеарна подморница во Дојранско езеро ќе ветат. Затоа и не ги слушам се додека не кажат што до сега работеа, ни рече средовечен човек.

-Сите партии независно дали се од власт или опозиција нека намалат со нереални ветувања, уморни сме од тоа. Ни направија да ни се одмили политиката, вели друг аеродромец.

-Власта старите ветувања нека ни ги вети повторно, добри им беа тогаш се залепивме на нив – како на пример дека ќе направат нов клинички центар. И да знаат, ќе им поверувам и овој пат, посочува друг.

Навистина, колку ли стари ветувања уште чекаат да бидат реализирани? Ќе боруваат ли за тоа политичарите, да објаснат зошто не се исполнило, има ли нешто каде ја натфрлиле нормата…? И, ќе најдат ли сила политичарите барем на овие избори да намалат со празните ветувања?

За крај на текстов најдобро би легнал коментарот на уште еден аеродромец:

-Од дадено ветување не се живее подобро, освен ако си политичар на кој некој му верува и гласа за него.

 

 

Претходна вестБектеши: Нема да се продолжува мерката за гарантирани цени, ќе се чека законот за забрана на нефер трговски практики
Следна вестСе продаде топланата „Скопје Север“ за 350.000 евра откако никој не ја купи за 605 илјади