Не помина законот за амнестија, 66 пратеници беа „против“

Пратениците во македонскиот парламент денеска со големо мнозинство гласови го одбија предогот закон за амнестија да се носи по скратена постапка. На гласањето, 66 пратеници беа „против, 17 „за“, а тројца беа „воздржани“. Агенцијата „Макфакс“ објави дека во записникот беа впишани 15 пратеници дека гласале „за“, но потоа собранискиот спикер Талат Џафери образложи дека уште двајца пратеници, Аднан Незири и Илирие Даути гласале „за“ законот да биде донесен, но тоа не влегло во системот.

Според сознанијата, пратениците од владеачката партија СДСМ гласале „против“.

Претходно, образложувајќи го поднесениот предлог на законско решение, министерот за правда Кренар Лога рече дека аменстијата е потреба и поради лошите услови во затворот „Идризово“.

-Ги повикувам пратениците да дојдат во затворот Идризово и да ги видат условите. Амнестијата ќе овозможи ресоцијализација, кажа Лога пред пратениците, набројувајќи ги сите претходни закони за амнестија кои поминале во Собранието низ годините.

Претходно, тој на пратениците им подели албум со фотографии од затворите за да ги видат условите во нив.

Лога вчера тврдеше дека со законот за амнестија нема ништо лично поврзано со неговото име и со институцијата со која раководи.

-Или државата ќе биде еднаква спрема сите свои граѓани или не. Ќе се докаже на дело дека има двојни аршини, дека ќе продолжи практиката големите риби да добиваат привилегии, а за обични осуденици да нема милост и разбирање. Не може одредени осуденици да издржуваат казна затвор по хотели и болници, а други да умираат во „Аушвиц“. И реториката дека криминалци ќе излезат на улица, треба да се промени со реториката да ги држиме 2.800 осуденици (криминалци) со упатен акт на слобода, меѓу нас, за да застаруваат истите дела, во име на правната држава, а тие 2.100 што издржуваат казна затвор да лежат до крај во име на партиските агенди и предизборна кампања, рече Лога.

Претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани.

Со овој закон, како што стои во образложението, се уредува ослободување од извршување на казна затвор (амнестија) лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во државава и лица осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Северна Македонија и казната ја издржува во земјава врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Северна Македонија, согласно меѓународен договор ратификуван согласно Уставот.

-Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, потполно се ослободуваат од издржување на казната. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Осудените лица од член 1 од овој закон на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30 отсто во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија. Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот од член 1 од овој закон се ослободува од издржување на казната за 30 отсто само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија, се посочува во Предлог-законот за амнестија.

Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 треба да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Претходна вестМалолетничка истепана и со нож повредена од својата сестра
Следна вестОпштина Аеродром поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје за согорување отпад на отворен простор