Во март пред 178 години починал македонскиот возобновител, народен творец, учител и просветителски автор, кој сите свои дела ги напишал на народен македонски јазик, со што ја претставил првата генерација на писатели на современата македонска книжевност Кирил Пејчиновиќ – Тетоец. При крајот на минатата 2022 година, од страна на Македонската православна црква, Кирил бил прогласен за светец, а како датум за неговата прослава е определен 25 март.
Пејчиновиќ бил роден во тетовското село Теарце во 1771 година. Почнал да се школува во селото Лешок, потоа во Дебарскиот манастир „Св. Јован Бигорски“, по што заминал за Света Гора. По тоа Кирил се вратил во Тетово од каде заминал за Кичевскиот манастир „Св. Богородица Пречиста“.
На 30 години станал игумен на Марковиот манастир, кој во текот на следните 17 години со помош на верниците успеал од корен да го обнови. Таму ја напишал својата прва книга „Книга сија глаголемаја Огледало“ која била отпечатена во 1816 година, а која е еден вид прирачник за свештеникот при вршење на верските обреди.
Под притисок на тогашниот грчки владика во Скопје, од Марковиот преминал во Лешочкиот манастир кој низ годините со помош на богатите мештани го обновил и отворил училиште во кое ги подучувал луѓето од сите генерации.
Иако пред се бил монах, тој бил значаен и како културен деец во нашата историја, а напишал уште две книги – „Утешение грешним“ која е продолжение на првата книга која содржи молитви и беседи и третата „Житие на кнез Лазар“.
Книгите ги пишувал на македонски народен јазик со примеси на црковни и турски зборови, народот многу го сакал и со задоволство ги разбирал и читал неговите дела. Тој воедно го поттикнал народот да чита на народен македонски јазик со што создал долгорочна стратегија за развитокот и усвојувањето на народниот јазик во писмениот говор.
Еве што за него има кажано сегашниот поглавар на МПЦ:
–За такви што живот значат и живот зрачат, а отецот Кирил е личност со дело што облагородува, што поправа и издигнува ‘скотоподобната ништожност‘, како што тој милувал да каже. Нам на аманет, завет и исполнување ни се оставени сите слова и поуки кои се сумирани во онаа негова позната мисла „Чуајте ја верата и никоаш немојте да го забраете мојов манастир“, истакна г. г. Стефан.
215 години од неговото погребение во дворот на Лешочкиот манастир, на 16ти октомври 2022 година од страна на Македонската православна црква, Пејчиновиќ е прогласен за светец. А, во негова чест неколку македонски училишта и улици го носат неговото име.