Не уверуваат дека штедат, ама од скапите апанажи не се откажуваат

Повеќе од десетина дена откако е поднесен предлогот да се укинат скапите апанажи за поранешни пратеници, министри и други функционери нема никаков сигнал дека нешто ќе се смени. Предлогот за измени во Законот за плата и други надоместоци на избрани именувани лица, кој го иницираше „Левица“ очигледно се уште стои во некоја собраниска фиока. Дали и кога ќе тргне во процедура, не се знае. Такви најави од собраниското раководство нема. Зошто е така, особено сега кога сите политичари велат дека кризата е голема и дека на се треба да се штеди?

Ако се суди по ова, веќе сега е извесно како ќе помине предлогот кога, по сила на формални собраниски правила, сепак ќе тргне во процедура. Односно, нема да биде изненадување доколку предлогот биде одбиен и политичките партии од власта, но и некои од опозицијата повторно на дело да покажат како знаат да бидат единствени и солидарни кога е во прашање личен и партиски интерес, но не и кога се работи за државен.

Сепак, редно е да се почека до крајот на процедурата иако молкот на останати партии околу предлогот за укинување на апанажите доволно кажува. Исто како што кажуваше за отфрлање на барањата во јавноста да се укине државното финансирање на политичките партии, како што кажуваше кога се бараше намалување на трошоците за превоз на пратениците… Народните избраници, во чии што раце е оваа одлука, повторно не сакаат да се откажат од спорната привилегија која со години и години опстојува во нашиот правен систем. Ни фактот дека во Македонија недостасуваат пари за многу работи – за социјални случаеви, за образование, за детска заштита, култура… – не може да ги натера да се откажат од ова скапа привилегија. Тоа го потврдија и дел од функционерите на кои им престана ангажманот во досегашниот владин кабинет. Десетина поранешни пратеници и функционери побараа и натаму да примаат исти плати во наредниве од три до дванаесет месеци, без да работат ништо.

А сега е прилика да се конечно донесе одлука каква одамна се очекува во јавноста околу апанажите. И со тоа да се разреши моралната дилема која секогаш се покренува кога се тие во прашање. Таа е во следното: зошто некој функционер и натаму би продолжил да прима плата во ситуација кога не работи ништо? Навистина е голема моралната дилема и дали апанажата треба да ја бараат и таа да мора да им се исплаќа на функционери кои во свои имотни листови покажале дека имаат имоти тешки со милионски суми? И не само од оваа причина туку и од фактот дека таа носи дискриминација меѓу граѓаните. Обичен работник, на пример, кој ќе остане без работа, може да зема само 50 отсто од просечната нето – плата која што тој ја земал последната година и тоа под услов, само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин. Апанажата, пак, носи многу повеќе на оние што ќе ја добијат. 

Претходна вестУтре облачно, наутро снег
Следна вестСедни и одмори се на клупа во паркот „Жена-борец“